WICE Ice-cream- Уникатниот македонски производ, сладолед со вино, што го освојува американскиот пазар!

Кажи ни нешто повеќе за почетоците на WICЕ. Како дојде до идејата и што всушност претставува WICE?

Софија Дацева:
Матриошка е компанијата што стои позади брендот WICE и започна како мала идеја која излезе од мојата љубов за иновации и технологија. Водена од желбата да внесам нешто ново на македонскиот и странскиот пазар, решив да се фокусирам на производи што можат да го комбинираат најдоброто од двата света – традицијата и современите иновации. Во 2017 година ја основав компанијата кога веќе имав развиено‘proof of concept’. Имено, нашата уникатна предност е фактот што ние имаме развиено технологија која го енкапсулира виното во основната смеса на сладоледот, каде крајниот резултат претставува сладолед кој е направен со 50% вино и може да содржи до 8% алкохол во него, а при тоа има рок на траење од 12 месеци, правејки го производот идеален за масовна потрошувачка.

Во 2019 година сладоледот веќе беше во понапредна фаза и единственото нешто што ни остануваше во тој момент е да се развијат и самите вкусови. Земете во предвид дека не секое вино има свој специфичен вкус, па така, еквивалентно важно е и да се развие соодветен вкус на сладолед, кој всушност би бил комплиментарен и би ги изразувал нотите на самото вино. Во овој момент кога ги развивавме вкусовите и дојдоа Х Фактор Акцелератор, каде заедно со нивната подршка започнавме да ја градиме фабриката почнувајки од 2020 година, која денес е целосно автоматизирана.

Во однос на вкусовите, првите два што ги развивме се: Мерло‑чоколадо‑вишна и Ризлинг‑ванила‑малина, двата направени со 50% македонско вино и 4.5% алкохол.

Во моментов WICE има палета од 10 видови на сладолед од кои 4 се вински, а останатите 6 се регуларни вкусови.

До каде е стасан развојот на компанијата, имајќи ја во предвид и поддршката од Х Фактор Акцелератор?

Софија Дацева:
Матриошка е основана во 2017 година, а благодарение на долготрајниот R&D развој на концептот и технолошкиот процес за стабилизација на виното во сладолед (во периодот 2016–2017) успеавме да создадеме proof of concept и конечно во 2024 да преминеме во сериско производство.

Во рамки на акцелераторската програма на X Фактор Акцелератор, Матриошка е избрана како еден од стартапите (од вкупно 5 поддржани компании) кои примија инвестиција во износ од 100 000 €. по компанија. Акцелераторот ни помогна да ја фокусираме нашата работа на развој на вкусовите, набавка на дел од машините за фабричко производство и градење на тимот.

Специфично, успеавме да набавиме специјализирана линија за производство која е дел од фабриката, а меѓудругото се стекнавме и со HACCP акредитација и автоматизација. Од аспект на продажба успеавме да се позиционираме во 9 градови и над 100 локали на македонскиот пазар, а нашите главни дистрибутивни канали се: ХоРеКа и супермаркети.

Тимот на Х Фактор Акцелератор ни даваше поддршка секогаш кога беше потребно, имаат топол и пријателски пристап и соработката ни е до денес одлична.

Кои се актуелни новости поврзани со компанијата и какви се вашите идни планови?

Софија Дацева:
Најново, WICE започнува со влез на американскиот пазар: неодамна беше објавено дека отвораме нова независна компанија во САД, поточно Остин, Тексас, како дел од стратегијата за глобална експанзија и влез на најголемиот пазар. Успеавме да станеме дел од акцелераторската програма на еден од акцелераторите во САД, International Accelerator со седиште во Остин, Тексас.

Планираме интензивна експанзија во САД и регионот преку развој на Texas WICE Collection, односно партнерства со винарии базирани во Тексас и комбинација од стратегија на лиценцирање и аутсорсирање. Имено, првичниот план ни е да започнеме соработка со 6 винарии, каде ќе развиеме вкупно 12 вкусови (по 2 од винарија) на вински сладоледи и сорбети. Откако колекцијата ќе биде развиена, шесте најпродавани вкусови ќе бидат презентирани пред дистрибутери кои би не внеле во големите ланци на супрмаркети како што се H-E-B и Whole Foods.

Една од опциите кои ја разгледуваме за компаниски раст е давање на франшиза за производство на сите заинтересирани субјекти во бизнис еко-системот.

За крај, што би им препорачала на идните претприемачи?

Софија Дацева:

Никогаш не плашете се да експериментирате и да бидете различни. Светот на иновациите бара храброст, но и упорност. Можеби не секој почеток ќе биде лесен, но ако имате јасна визија и се посветите на тоа, ќе успеете. Не заборавајте – секој неуспех е само еден чекор поблиску до успехот!

mk_MKMK_MK